Совети за вежбање на двостраното слушање
За да ги постигнат сите придобивки од вториот кохлеарен имплант, корисниците треба редовно да вежбаат, како што вежбале кога го ставиле првиот кохлеарен имплант. Германски и австриски експерти ги објаснуваат спецификите за обука на двостраното слушање.
„Двостраната кохлеарна имплантација бара специфична и последователна обука за двете уши“, објаснува Корина Шар, специјалист за рехабилитација за слушни импланти од Германија. Двострана кохлеарна имплантација значи дека корисник на еден кохлеарен имплант добива втор на другото уво. Терапевтот за говор Констанс Фетер од Виена работи со корисници на кохлеарни импланти во Австрија и ја нагласува важноста од обука за кохлеарните импланти. „Препорачувам моите клиенти да ги почнат сесиите за обука на новиот кохлеарен имплант прво дома. Во секојдневниот живот тие и онака би морале да ги користат двата кохлеарни импланти.“
Колку е подолго времето од едната до другата имплантација, толку е поверојатно дека корисниците ги заборавиле неделите и месеците на вежбање на слухот по првата операција. Корисниците на кохлеарни импланти понекогаш очекуваат дека втората страна брзо ќе го достигне нивото на слушање на првото уво, многу брзо по поставувањето на имплантот. Меѓутоа, има случаи кога првиот сигнал на втората страна се слуша како вознемирувачка позадинска бучава. „Од основно значење е да се носи аудиопроцесорот редовно. Пациентите треба да бидат мотивирани и спремни да се посветат“, подвлекува Шар.
Слушање со двете уши и од двете страни
Прво, слушањето и разбирањето на говорот се вежбаат само со вториот кохлеарен имплант, потоа се продолжува со двата уреди заедно. Ако малите деца не дозволуваат да им се извади првиот имплант, родителите честопати употребуваат трикови. На пример, по попладневниот одмор на децата им велат „првиот процесор е уште уморен и треба уште малку да поспие.“ Ова е време на игри на слушање.
За да го најдете изворот на звукот и да ги одвоите посебните звуци и говорот во бучни средини, способноста за слушање на двете уши треба да биде речиси еднаква. Дури и децата со нормален слух имаат потреба од повеќе време да ги совладаат овие способности за двострано слушање, слично како и со говорот и комуникацијата. Овие способности се развиваат со говорот и јазикот. Затоа, од особено значење е за корисниците на кохлеарни импланти рационално да ги научат.
Криенка за стари и млади
Оваа популарна игра за возрасните и за тинејџерите почнува со стандарден тон на ѕвонење на телефон, Самсунг, Ејпл или Хјуавеј: „Чиј телефон ѕвони?“ или „Каде го ставив телефонот?“
Кај возрасните овие игри можат да предизвикаат нервозна реакција, додека, пак, децата ги обожуваат овие игри на криенка. Криенка со звуци се игра со двајца играчи: еден се крие и прави веќе договорен звук или, пак, го повикува другиот играч по име. Или, пак, можете да сокриете будилник или телефон што ѕвони. Децата можат да го бараат заедно. На децата со тукушто поставени импланти може да им биде потребна помош од возрасен играч да го пронајдат местото на криење.
Друга популарна игра меѓу децата е играта со врзани очи. За целите на обуката „слепиот човек“ може да биде повикан само со имитирање на звуци. Секако можат да бидат користени и други детски игри. Корина Шар се смее: „Мојата омилена игра со деца е Јас слушам нешто што ти не го слушаш. Не ги прашуваме децата само кој звук го слушаат, туку и од каде доаѓа тој.“
Насочена идентификација
Доколку сте возрасен кој сака да го вежба своето насочено слушање, најдобро е да почнете во позната средина и со познат звук чиј извор од прилика го знаете. Побарајте го изворот на звукот. Затворете ги очите, свртете ја главата во различни насоки и откријте од која насока можете најдобро да го идентификувате изворот на звукот.
„Звукот може да биде изговорен збор, музички инструмент или секојдневен звук“, објаснува Фетер. „Ако идентификувањето на изворот оди добро, обично пуштам два звука од различни позиции еден по друг. Корисниците треба да ги идентификуваат во правилниот распоред.“ Во понапредната фаза, оваа вежба може да се направи и во непозната средина, каде што има непознати или подвижни звуци, како сообраќај на пример.
Вежбите за возрасните треба лесно да се вклопуваат во нивниот секојдневен живот. Шар препорачува корисниците да ги затворат очите, сами или со партнер, и да откријат колку звуци слушаат, кои се тие и од каде доаѓаат. При терапија во група можеме да играме игри и внатре и надвор, во парк или во кафуле. Идентификувањето на изворот и одредувањето на природата на звукот може да се вежбаат истовремено.
Разбирање на говор во бучна средина
Без оглед дали сте во ресторан, во канцеларија со отворен план, во училница или во јавен превоз, секојдневниот живот подразбира разбирање и комуникација во бучна средина. „Разбирање на говорот во бучна средина е еден од најтешките достигнувања во процесот на рехабилитација“ убедена е Фетер. Доколку корисниците на кохлеарни импланти не се чувствуваат сигурно при некоја вежба, таа препорачува прво вежбата да се направи во тивко опкружување. Нејзината германска колешка додава: „Штом корисникот ги познае првите зборови, може да се проба со додавање на позадинска бучава при вежбите.“
Тестовите за говор обично користат стандардизиран бел шум, додека пак Фетер претпочита употреба на бучава од реалната околина за време на вежбањето на слухот. „Сакам да работам во секојдневна средина.“ Ако сте дома можете да го вклучите радиото. Искусните корисници можат да направат комуникациска вежба во нивниот омилен ресторан. Фетер го нагласува фактот дека дури и луѓето со нормален слух, понекогаш во истата ситуација треба да го прашаат соговорникот да повтори што кажал. „Развојот на стратегии со клиентите, како најдобро да се справат во одредени ситуации е суштината на моите терапевтски сесии.“
„На почетокот, отворање на прозорецот за време на вежбите е најчесто доволно“, објаснува Шар. Лесно е секојпат, без разлика дали вежбате со партнер или со ЦД. „Најдобрата вежба за разбирање на говор во бучна средина е секојдневниот живот“, се смее Шар. „Нема живот без бучава.“