Што значи да се слуша со двете уши

Нашето второ уво е повеќе од само поддршка во слушањето. Значајно влијае во нашиот секојдневен живот. Затоа експертите се залагаат за обнова на слухот во двете уши.

слушањето со две уши не е само збир од два дела

Во 1984 година, американските научници Фред Х. Бес и Ен Мари Тарп објавија студија за последиците од едностраното оштетување на слухот кај децата, која беше поддржана од многу други студии во следните години. Децата со еднострано оштетување на слухот многу почесто имаат тешкотии со говорот и развојот на јазикот, со образовниот и социо-емотивниот развој во споредба со нивните врсници со нормален слух на двете уши. Кај нив се појавува и значително послабо разбирање на говорот и идентификација на изворот на звукот.

Ова има влијание и на академските способности. Меѓу овие деца, процентот на ученици коишто требало да повторат барем една година е повисок од просекот, а 60% од нив имаат потреба од дополнителна настава во тек на повеќе години. Децата со еднострано оштетување на слухот што ја немале потребната дополнителна поддршка се соочиле со потешки проблеми во училиштето за разлика од оние со тешко оштетување на слухот на двете уши.

Кај возрасните со еднострано оштетување на слухот не се гледаат така негативни последици во развојот на јазикот или во академските достигнувања, но тие се соочуваат со потешкотии во нивниот семеен или професионален живот. Општо гледано, и возрасните и децата со еднострано оштетување на слухот страдаат од намален квалитет на живот.

Ставени на тест

„Отсекогаш сум сакал музика“ признава Евалд Турнер, регионален менаџер во MED-EL во Виена. Тој се сеќава на своите тинејџерски години: „Татко ми имаше огромен стар касетофон. Ако користиш два микрофона можеш да снимаш стерео.“ Еден посебен технички ефект силно го импресионираше: „Касетофонот имаше копче и за моно. Кога ќе ги затворев очите и ќе ја слушав снимката на стерео, беше како оркестарот да е речиси пред мене. Кога ќе го стиснев копчето за моно, светот околу мене наеднаш се ограничуваше на една тесна линија во мојата глава.“ Ја потресува главата како да сака да ги избрка тие спомени. „Овој ефект многу силно ме импресионираше, го правев повторно и повторно.“

„Ако касетофонот имаше копче за 'еднострано' слушање, дури и повеќе звучни информации би биле изгубени, отколку со копчето за моно“, убеден е Турнер. За целосно да го разберете едностраното слушање, можете да извадите еден од звучниците од стерео системот и да не го користите слободниот излез.

Леснотијата на слушањето со две уши (двострано слушање)

„Комбинацијата од двостраното собирање на звукот, двостраното маскирање и ефектот на акустична сенка, прават да слушаме и разбираме без проблем. Ова се придобивките на двостраното слушање“, пишува Џудит Е. К. Лиу во својот научен труд за двостраното слушање. Двостраното собирање на звукот лесно се разбира и особено е забележливо при ниски звуци. Кога слушате со двете уши, сè слушате двапати, па затоа и - погласно. Оттаму, цитатот на Аристотел „Целината е повеќе од само збир од сите делови“ е исто така точен и кога станува збор за двостраното слушање, односно слушањето со двете уши. За да се разјаснат останатите фактори мораме да погледнеме во физиката што стои зад нив.

Истражувачи од познатиот Институт за акустични истражувања во Виена, којшто е дел од Австриската академија на науките, ги истражуваат физичките и психоакустичните врски на слушањето со и без слушни уреди. Физиката ја гледа главата како пречка за звучните бранови, којашто создава сенка на некои фреквенции. За некои од основните звуци ова доведува до разлики на нивното ниво во едното или во другото уво (фиг. 1). Дополнително, звукот стигнува до двете уши истовремено само доколку изворот на звукот е поставен централно, зад или над слушателот. Секоја друга позиција ќе доведе до минимално доцнење на звукот во едното уво (фиг. 2). Експертите ова го нарекуваат интераурална временска разлика.

Илустрација на интераурална временска разлика

Илустрација на интерауралната временска разлика

При обработката на звукот овие мали разлики се користат за да се одреди позицијата на изворот на звукот. Доколку има повеќе од еден извор на звук, овој феномен помага да се потисне мешањето на шумот.

Нашиот мозок сака да учи - да слуша

Едностраното оштетување на слухот има далекусежни последици на мозокот. Професорот Андреј Крал е водечки специјалист по аудиолошка неврологија на Медицинскиот факултет во Хановер, Германија. Во интервју за германски магазин, направи кроки на променливоста на мозокот: „Оштетувањето на слухот што доведува до разлики во слушањето или меѓу двете уши или меѓу различни фреквенции, е особено важен фактор за развојните процеси на мозокот.“

Аудитивниот дел од мозокот ќе се реорганизира и неискористените делови од нашиот центар за слух ќе бидат искористени за други аудитивни функции. Ова е важи за целиот живот, но последиците се особено силни за време на детството: „Повеќето синапси во аудитивниот кортекс почнуваат да се развиваат по раѓањето и се засноваат на аудитивна информација. Доколку таа изостане, ќе се забави развојот на синапсите, а многу од нив подоцна и ќе се изгубат.“

„Во студија од 2013 година докажавме дека суштествени разлики помеѓу левото и десното уво водат до реорганизација на мозочните центри и, како последица, до „подобро“ и „послабо“ уво“, Крал ги обајснува долготрајните последици од едностраното слушање. Како и останатите способности поврзани со слухот, слушањето со двете уши се развива во детството.

Слушни импланти за слушање со двете уши

Кај децата со оштетување на слухот, експерти и асоцијации од ова поле во многу земји препорачуваат слушни уреди за двете уши. Многубројни здравствени власти од различни држави обезбедуваат слушни помагала или импланти за двете уши, наменети за работоспособните лица, со оглед на тоа што слушањето со двете уши ќе го подобри разбирањето на говорот, особено во средини со позадинска бучава.

Евалд Турнер, инженер по професија, е одговорен за техничката поддршка за корисниците на кохлеарни импланти уште од 1993 година. Првата двострана имплантација со кохлеарен инплант, како што тој се сеќава, била во 1996 година. „Со кохлеарен имплант во едното уво, корисниците коишто претходно не можеле да слушаат успеале да постигнат добро ниво на разбирање на говорот. Меѓутоа, им бил потребен голем напор при слушањето за да ги следат секојдневните разговори. Овој напор драстично се намалува со импланти во двете уши. Слушањето, едноставно, стана полесно.“

Истражувањата одамна ги имаат докажано предностите на слушањето со две уши, велат од Институтот за акустични истражувања. „Бројни клинички студии јасно ги посочуваат предностите на двостраните кохлеарни импланти. Во споредба со едностраните корисници со кохлеарни импланти, двостраните имаат подобра способност за идентификација на изворот на звукот, како и подобро разбирање на говорот во бучни средини.“

Предности на слушањето со двете уши и на двостраната имплантација

  • Идентификација на изворот: можете акустично да одредите од каде доаѓа звукот. Ова е од особено значење во опасни ситуации.
  • Разбирање на говор во бучни средини: многу од секојдневните ситуации и голем дел од нашиот социјален живот се случува во бучни средини
  • Собирање на јачината на звукот: слушањето со две уши претставува збир на јачината на звуците. Ова може да биде особено важно за слушање на тивките звуци.
  • Балансирано слушање - тридимензионален слух
  • Секогаш добро слушање и разбирање, без оглед на тоа од каде доаѓа звукот
  • Побрз развој на слухот и говорот кај децата
  • „Полесно“ слушање: намален напор при слушањето води кон помалку замор и подобра концентрација
  • Поголема безбедност во секојдневни ситуации, бидејќи слушателите можат да го идентификуваат изворот на предупредувачките сигнали подобро
  • Без еднострана загуба: долготрајната загуба на аудитивни информации на слушниот нерв, односно недостигот на неврална стимулација, може да има далекусежни последици за одредени неврални и кортикални делови од мозокот. Тоа може да доведе до рецесија на неопходни аудитивни структури или до развој на фантомски сензации.
  • Позитивни ефекти за луѓето склони на тинитус, што е често случај при загубата на слухот.