Двострани импланти како стандардна грижа за луѓето со оштетување на слухот

Децата кои се родени со тешко оштетување на слухот добиваат кохлеарни импланти во двете уши многу рано во животот. Возрасните со оштетен слух честопати се двоумат. Сепак, дури и корисниците коишто носат кохлеарен имплант повеќе години може да имаат корист од двостраната имплантација.

Денеска кохлеарни импланти за двете уши, односно двостраната имплантација се смета за стандардна грижа за пациентите со големо оштетување на слухот. На почетоците на кохлеарните импланти ова беше незамисливо. Беа потребни голем број предоперативни тестови пред да се имплантира едното уво. Докторите сакаа да се уверат дека слушниот нерв е целосно функционален, нешто што е предуслов за успешно поставување на кохлеарен имплант. И тие го бараа „подоброто“ уво.

Ако резултатите од тестовите на двете уши биле слични, тие обично го препорачуваа увото коешто пократко време било оштетено или увото со повеќе остатоци од слух. На пациентите не им беше лесно да ја донесат оваа одлука, бидејќи технологиите на имплантирање и хируршките техники од тие години обично доведуваа до губење на тие остатоци од слух. Изборот беше помеѓу слушна протеза или држење до она што останало од нивниот слух. Корисниците едногласно го искажаа задоволството да слушаат повторно и повторно да бидат дел од дружењата со своите семејства и пријатели.

Корисници-пионери

Фармацевтот Ролф беше еден од првите корисници, којшто особено беше задоволен од кохлеарниот имплант Combi 40 на MED-EL. Дотолку беше задоволен што сакаше уште еден имплант и на другото уво. Во 1998 Клиниката за оториноларингологија му ја исполни желбата. Во истата година, малиот Макс, тогаш на четиригодишна возраст, го следеше неговиот пример со тоа што стана првото дете со кохлеарни импланти на двете уши. Резултатите на возрасните со кохлеарни импланти на двете уши беа толку убедливи што докторите одлучија да им го овозможат истото и на децата.

Оттогаш, многу клиники нудат двострано поставување на кохлеарни импланти на новодијагностицирани деца со оштетен слух. Ова се прави или истовремено за време на една операција, што овозможува пациентот само еднаш да биде под анестезија, или во последователни имплантации со краток период од шест до 18 месеци помеѓу операциите.

Организирање на викендите со кохлеарни импланти

Петок попладне, 15 часот Се јавува вознемирена мајка: „Нико не слуша повеќе. А утре полни седум години и има роденденска забава со кловн, на која ќе дојдат сите негови пријатели. Дали би можеле да дојдеме и да се видиме сега?!" Ова не беше невообичаен повик на крајот од минатиот век. Корисниците на кохлеарни импланти обично имаат тешко оштетување на слухот на двете уши, но најчесто беа имплантирани со само еден имплант. Понекогаш причината за проблемот беше само една извитката игла во делот за батерија или неправилно наместен прекинувач на процесорот. Ако корисниците не успееја да го решат проблемот сами, ќе мораа да го поминат викендот во тишина, да не постоеја инженерите за кохлеарни импланти на MED-EL што ги правеа брзите поправки. Особено за децата, таква ситуација беше голем психолошки проблем. Беше предизвик и за возрасните.

Понекогаш дури постануваше ризик и за нивната безбедонст. Еден наставник во основно училиште еднаш се пожали: „Ако на дете со оштетен слух со еден имплант му се потрошеше батеријата, ние моравме да им се јавувиме на родителите. Се плашевме дека детето ќе треба да си оди дома без да може да ги слушне звуците од улицата.

Придобивките од втората страна

Ролф имаше право кога бараше да му биде поставен и вториот имплант. Навистина има повеќе придобивки од тоа само да биде безбедна резервна опција и од гаранцијата дека подоброто уво е имплантирано. Една од најбитните предности на двостраната имплантација е идентификување на изворот на звукот, како и тоа да се одреди од која страна доаѓа тој.

Сите други предности доаѓаат од овие две, слично како и предностите на слушањето со двете уши кај луѓето коишто немаат оштетувања на слухот[1]. Ова е заклучокот на специјалистите од Универзитетската клиника во Вурцбург за нивните први пациенти со кохлеарни импланти на двете уши. Тие ги објавија своите заклучоци во научна студија. Разбирањето на говорот во средини со позадински звук било значително подобрено кај сите учесници во студијата што имале кохлеарни импланти на двете уши. Следеа уште многу студии за разбирање на говор и идентификување на изворот на звукот. Научниците никогаш порано не биле толку едногласни: двостраната имплантација кај корисници на кохлеарни импланти со оштетување на слухот на двете уши носи очигледни предности.

Ученик ја поминува улицата: опасностите од недостигот на идентификација на изворот на звукот

Најбитната придобивка на двостраната имплантација е идентификувањето на изворот на звукот, особено битна во опасни ситуации.

Двострана имплантација - што е можно порано

Специјалистите за кохлеарни импланти Јоахим Милер, Франц Шон и Јан Хелмс, автори на првата студија за двострано поставување кохлеарни импланти, заклучиле дека на придобивките од вториот имплант се чини дека нема влијание времето поминато помеѓу првата и втората имплантација. Но ова зависи од тоа колку знаеме за процесите на развојот на нервите. „Нашиот мозок зависи од врските меѓу нервните клетки, таканаречените синапси“, објаснува Андреј Крал, невролог на Медицинскиот факултет во Хановер, во интервју за магазинот "Schnecke"[2]. Човековиот мозок и синапсите се променливи, тие учат. Оштетувањето на слухот може да предизвика процес на учење и реорганизација на мозокот. Ова овозможува ефикасна употреба на остатоците од слухот.

„Оштетувањето на слухот има особено силно влијание во детството, кога мозокот се развива“, вели Крал. „Многу од синапсите... зависат од слушното искуство“. Да учиш да слушаш како возрасен е многу потешко: „Бара сложена нервна машинерија, сложен мозочен компјутер. И единствено може да се развие доколку слухот бил трениран од мала возраст. Никогаш не можете да го замените раното слушно искуство подоцна, откако се помине одредена возраст во развојот. Затоа, оштетувањето на слухот во детството треба да биде третирано што е можно порано.“

Крал цитира резултати до коишто дошла неговата колешка истражувачката Ангелика Илг, таа и нејзиниот тим од Германскиот центар за слух во Хановер откриле дека децата родени со двострано оштетување на слухот и коишто го добиле својот втор имплант подолго време по првиот, покажале побавен прогрес со вториот имплант.

И одложениот почеток, повторно е успех

Повикувајќи се на оваа и на слични публикации, децата коишто го добиле својот прв имплант поодамна, не биле земани предвид за втор. И покрај откритијата до коишто дошла групата од Вурцбург што покажуваат успех дури и при подолги интервали помеѓу двете имплантации. Во интервју од 2013 година, Андреј Крал, професор по аудиолошка неврологија во Хановер, беше на мислење дека двостраните способности за слушање при доцна втора имплантација можат да бидат подобрени со терапија за говор и јазик.[3]

Идентификување на изворот на звукот беше една од оние посебни двострани способности за којашто се мислеше дека се развива единствено во првите неколку години од животот. Студија од 2018 година на научничката Кетрин Килијан е посветена на оваа способност кај деца со двострано поставени кохлеарни импланти [4]. За оваа студија, Килијан и нејзините колеги тестираа повеќе од 100 двострано имплантирани деца кај коишто имало одложено имплантирање на вториот имплант од најмногу 12 години.

„Одложувањето на имплантацијата на вториот имплант треба да биде што е можно помало кај деца со тешко оштетување на слухот на двете уши“, заклучува Килијан во нејзините резултати и објаснува дека подолг интервал помеѓу двете имплантации доведе до послаба прецизност при идентификување на изворот на звукот кај децата коишто користат двострани кохлеарни импланти. Според резултатите од студијата, децата имаат одредена придобивка од втор кохлеарен имплант десет или повеќе години по првата имплантација.

Технологијата прави разлика!

Во студијата на начуници од Брадфорд и Лидс [5] исто така се нагласува успешната идентификација на изворот на звукот кај овие деца особено зависи и од видот на имплантот. Корисниците на кохлеарните импланти на MED-EL имале попрецизна идентификација на изворот на звукот, а интервалот помеѓу двете имплантации може да достигне до 5 години.


[1] Прочитајте повеќе: Повеќе од само збир на сите делови

[2] Research for good hearing, implantable hearing systems - интервју со проф. д-р Андреј Крал, извор: Schnecke, издание 82, стр. 11f, декември 2013

[3]реф: Research for good hearing, implantable hearing systems - интервју со проф. д-р Андреј Крал, извор: Schnecke, издание 82, стр. 11f, декември 2013

[4] Killian C, Scally A, Killian E, Totten C, Raine C, Factors Affecting Sound-Source Localization in Children with Simutaneous or sequential bilateral cochlear implantation. Ear Hear. 5 Doi: 10.1097/AUD.0000000000000666

[5]Killian C, Scally A, Killian E, Totten C, Raine C, Factors Affecting Sound-Source Localization in Children with Simutaneous or sequential bilateral cochlear implantation. Ear Hear, 2018 Oct. 5. Doi: 10.1097/AUD.0000000000000666