Споредба на разновидните решенија за оштетување на слухот
За луѓето со оштетување на слухот на едното уво достапни се разновидни решенија. Резултатите од студијата од Горноавстриската болница Велс-Грискирхен можат да ви помогнат во изборот.
Најновите студии покажуваат дека комуникациските способности на луѓето со тешко оштетување на слухот во едното уво („еднострано оштетување на слухот“) се послаби отколку што би се очекувало. Недостатокот од насочено слушање и ограничувањата во разбирањето на говорот во бучни средини се сметаат за најголеми пречки, по нив доаѓа ограничувањето во просторната ориентација. Студиите, исто така, покажуваат дека пациентите со еднострано оштетување на слухот (скратено: ЕОС) се соочуваат со значајни пречки во нивниот професионален живот. Дури и зборувањето по телефон со помош на увото со кое нормално слушаат, за нив може да претставува проблем.
Изборот на идеалното место за седење за време на состанок или во училница е првиот чекор при надминување на овие предизвици, како што е и употребата на различни помошни уреди за слушање и комуникација [1]. Како трајно решение, треба да се обезбеди адекватен технички слушен уред. За кандидатите со еднострано оштетување на слухот достапни се слушните помагала CROS, конвенционалните слушни помагала и слушните импланти преку коскена спроводливост, како и кохлеарните импланти.
CROS – Contralateral Routing of Signal (Контралатерално насочување на сигналот)
CROS е комбинација од слушно помагало во увото со оштетување коешто го прима сигналот од таа страна и второ слушно помагало коешто го пренесува сигналот до увото што нема оштетување. Звукот се пренесува преку очила или - благодарение на модерната технологија - безжично. Преку ова решение сите звуци што доаѓаат до увото со оштетување им се достапни на корисниците. Сепак, тие нема да можат да идентификуваат од каде доаѓа звукот. Разбирањето на говор во бучна средина зависи од секоја поединечна ситуација. Доколку соговорникот се наоѓа до увото со оштетување, тој или таа ќе биде подобро слушнат/а. Доколку соговорникот се наоѓа од страната на увото што слуша, а бучава доаѓа од страната на увото со оштетување, разбирањето ќе биде отежнато со CROS слушните помагала.
Корисниците честопати ги пропуштаат позитивните страни на ова решение. Особено децата, често не сакаат да прифатат да носат слушни помагала во двете уши. [2] Системите за коскена спроводливост се развиени од CROS системите.
Коскена спроводливост при еднострано оштетување на слухот
Системот за коскена спроводливост се поставува на увото со оштетување, го презема звукот, го претвора во вибрации, коишто ги пренесува до темпоралната коска на черепот. Черепот го препраќа звукот до увото коешто слуша на другата страна од главата. Системите за коскена спроводливост се поделени во две групи: посебен вид слушни помагала и слушни импланти вградени во коската. И двата система имаат свои позитивни и негативни страни
Всушност, ова решение работи на начин што го пренесува аудиосигналот во внатрешното уво на страната што слуша, со тоа го симулира ефектот на CROS, користејќи само еден уред. Корисниците пријавуваат подобрено слушање, иако ова решение не нуди двострано слушање. Ова е поради тоа што сите звуци се собираат и се претставуваат како звуци само од едната страна.
Кохлеарен имплант за целосно враќање на слухот при еднострано оштетување на слухот
Кохлеарниот имплант (КИ) го прескокнува нефункционалното внатрешно уво и директно ги стимулира невронските структури на слушниот нерв. За да ги имате сите придобивки од кохлеарниот имплант, се препорачуваат рехабилитација на слухот, а, за децата, ран аудитивен тренинг со терапевт за говор и јазик.
За корисниците на кохлеарни импланти со еднострано оштетување на слухот, може да биде потребно повеќе време додека нивниот центар за слух може точно да го разбере звучниот сигнал. Ова е поради фактот дека увото што слуша ја презело целата работа во слушањето. Кај луѓето со подолготрајно еднострано оштетување на слухот можно е центрите во мозочниот кортекс [3] да се реорганизирале. Ова може да ја продолжи рехабилитацијата на слухот. Ако способноста за двострано слушање не била развиена пред појавата на оштетувањето на слухот, се препорачуваат посебни вежби за идентификација на изворот на звукот и за разбирање на говорот во бучни средини. Големата предност на кохлеарниот имплант пред системите за коскена спроводливост е во неговата способност по електронски пат да ја врати слушната способност во увото со оштетување, на тој начин овозможува основа за целосно двострано слушање.
Споредба на системите - прва студија
Во студија од 2015 година, експерти од Клиниката за ОРЛ во Велс-Грискирхен (Австрија), предводени од главниот доктор Томас Георг Кајнцел [4], правеа споредба на пациенти со еднострано оштетување на слухот кои користат кохлеарни импланти, наспрема пациенти коишто користат полуимплантирани слушни импланти BONEBRIDGE вградени во коската. Пациентите биле тестираи за разбирање на говор во бучни средини и за идентификување на изворот на звукот. Дополнително, преку специјален прашалник биле проследени и личните подобрувања на нивниот квалитет на живот со имплантот.
Резултатите од двете групи корисници покажаа подобрување на разбирањето на говорот во бучна средина, како и подобрен квалитет на живот со нивните слушни импланти. Студијата забележува значајна разлика во насоченото слушање. Корисниците со кохлеарен имплант покажале многу подобри резултати отколку групата со коскените слушни импланти. И за двете групи јасно беше забележано подбрување на квалитетот на животот.
Решенија за оштетен слух: клиничко искуство
Кога се бира кој систем на импланти ќе биде соодветен за пациентот, Томас Кајнцел вели дека е најбитно да се одреди дали целта е „да се подобри разбирањето на говорот во бучни средини или се цели и кон насочено слушање и просторна ориентација.“
За да се постигне успех со имплантот Bonebridge за корисници со еднострано оштетување на слухот, потребно е слухот на увото што слуша да биде добар. Позитивните страни на Bonebridge се лесната рехабилитација и јасното подобрување на разбирањето на говорот, а негативна страна е ограничувањата во насоченото слушање.
Томас Кајнцел објаснува: „За успешно подобрување на едностраното оштетување на слухот со кохлеарен имплант, појавувањето на оштетувањето не смее да биде подолго од десет години. Пациентите мора да бидат одлучни во рехабилитацискиот процес и треба да имаат реалистични очекувања. Ако ги прифаќаат овие услови, многу е веројатно пациентите со еднострано оштетување на слухот со помош на кохлеарен имплант да почувствуваат јасни подобрувања во врска со разбирањето на говорот во бучни средини. Понатаму, постои можност да го повратат и својот насочен слух, како и да почувствуваат подобрување и во просторната ориентација.
[1] Lieu J. E. C., Management of Children with Unilateral Hearing Loss, Otolaryngol Clin N Am, 2015, http://dx.doi.org/10.1016/j.otc.2015.07.006.
[2] like1
[3] See Research for good hearing, implantable hearing systems - интервју со проф. д-р Андреј Крал, преземено од: Schnecke, издание 82, стр. 11f, декември 2013
[4] Видете: Статија во hear to read, специјално издание, април 2015, стр. 30ff.