Влијанието на настанката врз слухот, со или без кохлеарен имплант

Обичната настинка може да влијае на слухот и на луѓето со нормален слух и на корисниците на слушни импланти. Ако имате болка во ушите за време на настинка, треба веднаш да се јавите на лекар!

Со промена на годишните времиња, настинките и грипот се почести, иако и двата термини всушност носат кон погрешни заклучоци. Настинката не е предизвикана од ладното, туку од вирус. Ослабениот имун систем (тука може да игра улога ладното), ја зголемува можноста човекот да се разболи. Иако некои симптоми се слични на блага форма на грип, повеќето настинки се предизвикани од таканаречени риновируси. Вируси од семејството на коронавируси се одговорни за десет проценти од сите настинки, а во некои случаи инфлуенцата или грипот исто така се дел од настинката.

Вируси или бактерии можат да влезат во средното уво преку Евстахиевата туба. Воспалението може веднаш да предизвика привремени проблеми со слухот, кои во некои случаи можат да бидат и постојани. Дури и кај корисниците на кохлеарните импланти, кај кои импалнтот ја прескокнува оваа зона и го симулира средното уво, обичната настинка може да влијае на слушањето на неколку начини.

Обичната настинка и слухот

Функцијата на Евстахиевата туба е да овозможи воедначување помеѓу херметички затвореното средно уво и надворешниот воздушен притисок. Доколку Евстахиевата туба отечена од воспалението не го дозволи ова, тоа ќе доведе до привремено губење на слухот кај луѓето со нормален слух или кај корисниците на слушни помагала. Воспалителните процеси во средното уво можат да влијаат на слухот и на корисниците на импланти во средното уво.

Некои хронични инфекции на средното уво дури можат да доведат и до постојано оштетување на слухот. За овие случаи препорачливи се системите за коскена спроводливост како што е ADHEAR или имплантите со коскена спроводливост. Дури и ако не дојде до тоа, продолжителни или чести инфекции на средното уво можат да доведат до проблеми во развојот на говорот кај децата. Ако имате болка во ушите за време на настинка или на воспаление слично на грип, треба веднаш да се јавите на лекар!

Летање додека имате настинка може привремено да влијае на слухот

За време на лет со авион, можат да се појават големи промени во притисокот при полетување и слетување. Здраво уво може да ја премости разликата во надворешниот притисок со тој на средното уво, преку Евстахиевата туба. Можете да му помогнете на вашето дете во ова, така што ќе му дадете нешто да пие за време на полетувањето и слетувањето.

Меѓутоа, ако Евстахиевата туба е отечена поради настинка, нема да може да го изедначи притисокот. Последиците можат да бидат од чувство на притисок до болка или оштетување на слухот. Оштетувањето може да трае и неколку часа или денови по слетувањето. Кога не можете да избегнете летање со авион и покрај тешка настинка, можете да користите лекови како што се пастили против отоци, бонбони за болка во грлото или спреј за нос со есенцијални масла, коишто можат да го намалат ризикот.

Настинката може да влијае на слухот кај корисниците на кохлеарни импланти

Средното уво и мастоидот, коишто се близу до имплантот, обично се полни со воздух. Ова овозможува оптимален проток и, на тој начин, електричните импулси можат непречено да стигнат до нервните клетки.

Во случај кога средното уво и мастоидот се полни со различни течности, како што е секрет (при настинка) или крв, електричниот отпор и протокот може да се променат. Од друга страна, може да се појави притисок и на електродата и на внатрешноста на кохлеата (поместувања од 0.01 mm или помалку). Сето ова е доволно да го промени чувството за слушниот впечаток или, бидејќи звукот не е познат, да го попречи.

Во овој случај, обично се дава класична терапија со капки за нос. Важно е и да знаете: кога кивате, никогаш немојте да го затворате носот. И, секако, во овие времиња на пандемија, кивајте во лактот, а не директно во дланката!

Што друго можам да направам против настинката?

Од почетокот на пандемијата со Sars-CoV-2, заштитните маски се задолжителни на јавните места. Тие не се ефективни само против коронавирусот, туку и против другите заразни болести – вклучувајќи сезонски настинки и грип.

Освен тоа, можат да помогнат и основните хигиенски мерки и општото подобрување на имуниот систем. За имуниот систем можете да го подобрите, на пример, со конзумирање свежо овошје и зеленчук, сонце и движење на чист воздух.

Земањето додатоци во исхраната како што се витамините, исто така може да помогне, иако не постојат научни докази за ова. Освен ако немате недостаток на одреден витамин, но овие синдроми се многу ретки.

Ако настинете и покрај превентивните мерки, постојат различни методи да се изборите против настинката. Во случај на акутна настинка, домашните и конвенционалните лекови можат да ги намалат симптомите. Повторно, сè што го зајакнува имуниот систем е од помош, вклучувајќи доволно одмор и сон. Само во случај на бактериска инфекција, во терапијата можат, да бидат додадени и антибиотици, по совет од лекар.