Маја слуша повторно со помош на кохлеарен имплант!
„Прво бевме шокирани“, Патрик Беганович се сеќава на дијагнозата на својата ќерка Маја – тешко оштетување на слухот. Благодарение кохлеарен имплант поставен во Универзитетската болница во Линц, семејството се радува на првите зборови на Маја.
Очите на Маја ѝ светнуваат, а погледот се насочува кон кутија полна чоколатца. Девојчето што е родено со тешко оштетување на слухот, обожава слатки, особено чоколади. Денеска, може да земе чоколатце како награда што беше активна при тестирањата на слухот. Девојчето на две и половина години веќе два месеца може да слуша со помош на нејзиниот кохлеарен имплант. И очите на нејзините родители светнуваат поради ова: „Маја многу заостануваше во развојот на говорот. Сега, секој ден, гледаме како тоа се менува!“
Проблеми во слухот на децата
Универзитетската клиника во Линц го има вториот најголем педијатарски оддел во Австрија, како и најголемиот акушерски оддел. Тимот во болницата постојано се труди брзо да ги дијагностицира сите оштетувања на слухот. Маг. Сабрина Акерл како главен терапевт за говор на одделот за Оториноларингологија, подвелкува дека: „Децата родени во болницата со помош на скрининг тест за слух, до крајот на првиот месец добиваат јасна дијагноза за нивниот слух. И веднаш потоа можат да користат соодветни слушни помагала.“
„Дете со попречување на слухот, на крајот секако ќе има предизвици и надвор од слушањето“ објаснува проф. д-р Пол Мартин Цвитаг. „Па така, грижата на слухот на децата секогаш е инвестиција во иднината“. Секојдневно, шефот на одделот за Оториноларингологија особено се залага за обнова на слухот и кај младите и кај постарите пациенти. Малата Маја ќе има полза од неговото долгогодишно искуство како доктор и од искуството на неговиот тим, но нејзиниот пат кон слухот, имаше пречки.
Синџир од непогодни услови
Маја се роди во април 2019 година во покраината Штаерска и нејзините родители дознаа за нејзниот проблем со слухот веднаш по нејзиното раѓање. Скрининг тестот за слух направен веднаш по нејзиното раѓање имаше отстапувања, па беа потребни дополнителни испитувања. Од технички причини беше повторен тестот за слух, се востанови тешко оштетување на слухот и почна да се разговара за можноста за кохлеарни импланти. Меѓутоа, требаше да се направат понатамошни испитувања.
Таткото зема одмор од работа и заедно со жена си и детето отидоа во клиника. Поради возраста на Маја и тоа дека беа далеку од дома, сакаа тестовите да бидат изведени во болницата. Меѓутоа, нивниот резервиран кревет мораше да му биде даден на итен пациент и семејството требаше да се врати дома.
Во меѓувреме, Маја направи 15 месеци. Развојот на нејзиниот говор и однесувањето ги загрижуваа нејзините родители; можеше да се сконцентрира само на краток период, невообичаено многу плачеше и единствено можеше да комуницира преку гестови. Родителите се чувствуваа несигурно, бидејќи сè се чинеше тешко на тамошната клиника. Но преселбата на семејството во Горна Австрија им овозможи да побараат второ мислење за слухот на Маја во Универзитетската болница Кеплер во Линц.
Универзитетска болница во Линц: грижа без одложување и отворена комуникација!
Во болницата во Линц, сите тестови беа брзо направени и нејзиното ниво на слух беше одредено во рок од една недела, кога веќе можеа да почнат и со проба на соодветни слушни помагала. Исто така веднаш почнаа и со програмата за рано лечење.
„Но Маја не покажа никаква реакција и можевме да забележиме дека стануваше нервозна“ се сеќава таткото. Терапевтот за говор Акерл потврдува дека развојот на говорот беше поттикнат со слушните помагала, но не прогресираше како што треба.
Со оштетување на слухот од 75 до 80 dB, слушните помагала не се секогаш доволни за развој на говор во склад со возраста. Но кохлеарните импланти можат да помогнат. „Советувавме да се направи операција што е можно побрзо, бидејќи Маја изгуби многу време,“ објасни Акерл.
„На почетокот се плашевме, секогаш е тешко кога се зборува за операција на главата“, се сеќава Патрик Беганович. По бројни разговори со хирургот Цвитаг, терапевтот за говор Акерл и со тимот за рана интервенција FLIP, како и со други родители на деца што имаат импланти, родителите ги разрешија дилемите и дознаа повеќе за можностите.
Кохлеарна имплантација во двете уши
За време на кафе-пауза, Патрик беше изненаден кога негов колега почна да зборува за неговата ќерка со импланти на двете уши. Колегата го охрабри: „Немој да се грижиш. Можеме да се сретнеме и да видиш како ѝ е на ќерками со нејзините кохлеарни импланти.“ Охрабрени од позитивните приказни и искуства, родителите конечно ја донесоа одлуката.
Оштетувањето на слухот на Маја беше големо на двете страни, така што слушните помагала не беа доволни и најдобрата одлука беше да се постават кохлеарни импланти (КИ) на двете страни. Терапевтот за говор Акерл ги објаснува предностите на симултана имплантација на двете страни: „Стимулацијата доаѓа од двете страни истовремено. По имплантација со одложување, увото што се имплантира второ, може уште повеќе да заостане во развојот, секако, тоа и не е секогаш случајот.“
Конечната одлука на родителите беше на Маја да ѝ се постават двата кохлеарни импланти истовремено, во една операција. „Не сакавме да ја подложуваме на дополнителен стрес при втора операција.“
Поврзување со другите
„Очите на Маја се ококорија“, се сеќава таткото на моментот на првото активирање на процесорот на кохлеарните импланти. „Веднаш погледна во вистинската насока за да го лоцира местото од кое доаѓаше звукот, а тоа никогаш го немаше направено со слушно помагало.“
Успехот покажа дека родителите и тимот биле во право. „Во меѓувреме, Маја може да препознае звуци од различни возила на улицата. Веќе разбира многу нешта и не треба многу да гестикулираме. Се обидува да комуницира и веќе може да каже самостојни зборови, како мама, тато, баба…“ И однесувањето на Маја се промени: „Таа не плаче веќе толку многу, не е нервозна и е многу посреќна!“ Нејзниото внимание се подобри, исто така, и си игра со жената од тимот на FLIP, за време на целата сесија.“
Патрик Беганович зборува за првите чувства што ги имаат родителите кога ќе дознаат дека нивното дете е глуво. „На почетокот, си шокиран и не сакаш да го прифатиш тоа. Но ве советувам многу да зборувате со лекарите и другите професионалци. Доколку е тоа можно, запознајте се со други родители на деца со кохлеарни импланти“. Тој препорачува, во таква ситуација да комуницирате со другите, за да „не останете сами со своите грижи!“ Цвитаг, хирургот на Маја, се радува заедно со семејството, „Сметам дека е голема чест, како лекар, да можам со кохлеарен имплант да им помогнам на глувите деца или на оние со тешко оштетување“.